ИЗДАНИЈА

АНТРОПОЛОГОТ КАКО ПИСАТЕЛАНТРОПОЛОГОТ КАКО ПИСАТЕЛ
од Клифорд Гирц

Каде е границата помеѓу добрата етнографија и книжевноста? Како влијае специфичниот стил на авторите врз конструирањето на автентничноста на нивните истражувања и чувството дека тие навистина биле „таму“ - во културите и помеѓу припадниците на различните народи коишто ги опишуваат? Долго време концентрирајќи се на теренската работа како на нешто што ја дефинира улогата на антропологот, пропуштено е да се анализира начинот на кој се конструираат етнографските „вистини“ низ текстот. Aвторот, низ примерите на значајни антрополози од историјата на оваа дисциплина (Еванс-Причард, Рут Бенедикт, Малиновски, Клод Леви-Строс) се обидува да покаже дека антропологот е (и) писател. Клифорд Гирц (1926-2006) е еден од највлијателните антрополози на дваесетиот век, претставник на таканаречената симболичка антропологија. Купи тука kupikniga

ПАПСАНО ОПШТЕСТВОПАПСАНО ОПШТЕСТВО
од Бјунг-Чул Хан

Стресот и уморот не се само лични искуства, туку и општествени и историски феномени. Бјунг-Чул Хан, јужно-корејски филозоф кој живее и работи во Германија, ја толкува современата епидемија на папсаност како неспособност да се излезе на крај со негативните искуства во доба на прекумерна позитивност и универзална достапност на луѓе и добра. Kупи тука kupikniga

НАЈВАЖНАТА ИГРАНАЈВАЖНАТА ИГРА
од Илина Јакимовска

Втора книга песни после „Сонце во тегла“, овој пат придружени со цртежи од нејзиниот син, Иван Јакимовски, млад уметник од скопско Тафталиџе. Цртежите се правени кога тој имал 4 години, а и насловите се негови - „Папагал со лоши очи“, „Чадор за сите луѓе“ или „Дух, ама не страшен“. Понекогаш смешна, понекогаш меланхолична, оваа книга е еден фин семеен проект.

Во потрага по загубеното времеВо потрага по загубеното време
од Борис Дежуловиќ

Збирка есеи, специјално одбрани за македонското издание, напишани во последните петнаесетина години, на познатиот хрватски новинар и писател, еден од основачите на култниот сатиричен неделник Ферал Трибјун. Неговите текстови излегуват во речиси сите поголеми весници низ цела бивша Југославија, и беспоштедно ги рендаат сите кои тоа си го заслужиле – од покондираните медиумски личности, политичарите (особено оние радикално десните), верските великодостојници, разните „угледници“. Без влакна на јазикот, Дежуловиќ е она што треба да се подразбира под „мајстор на зборот“ - искрен и чесен. Некои од текстовите смеат до солзи, други прават кнедла во грло, трети опоменуваат. Тие се всушност материјал за една алтернативна, политичка и емотивна историја на регионот. Насловот на збирката го следи стилот на неговите претходно објавени збирки во Хрватска, Србија и Словенија: „Злосторство и казна“, „Црвено и црно“ и „Војна и мир“. Книгата може да се купи на сајтот Kupikniga.mk, и книжарниците Или-или и Култура.

METAФИЗИКАMETAФИЗИКА
од Аристотел

„Метафизика“ се смета за едно од најголемите филозофски дела на сите времиња. Неговото влијание врз античката грчка филозофија, Арапите и схоластичките филозофи било огромно. Генијот на Аристотел се огледува во синтезата на натурализмот на емпириските науки со рационализмот на Платон, што претставувало инспирација на западната интелектуална традиција во теко на повеќе од илјада години. Ова е првиот дел од првиот превод на „Метафизика“ на македонски, придружен со детална анотација, коментари, како и со целосниот старогрчки текст. Преведувачот Jeродјакон Виктор Метафраст, кој претходно ги преведе „Категориите“, нуди словенски решенија за повеќето филозофски термини.

ХАЈЕК vs. МАРКСХАЈЕК vs. МАРКС
од Ерик Ааронс

Ерик Аaронс (1919) е економско-политички теоретичар, но и еден од клучните активисти на Комунистичката партија на Австралија. Во оваа книга тој ги соочува биографиите и интелектуалните достигнувања на двата стожери на модерната политичка економија - Карл Маркс и Фридрих Хајек, а паралелно со анализата на нивните антрополошки и економски позиции, се обидува нив да ги примени врз секојдневните проблеми на кои наидува нашето глобализирачко општество.

КАТЕГОРИИКАТЕГОРИИ
од Аристотел

Дел од Аристотеловиот „Органон“, овој текст прв пат се објавува во критичко издание на македонски, со паралелен текст на старогрчки јазик. Преводот е на Јеродјакон Виктор Теодоростудит, кој на места нуди нови преведувачки решенија за филозофската терминологија на Аристотел, базирани врз словенски јазички корени.

ОПТИМИЗАМОПТИМИЗАМ
од Лајонел Тајгер

Значајно, пионерско дело, кое се однесува на најуниверзалната човечка карактеристика: потребата да се верува дека има излез, дури и во најтешките животни ситуации. Дали склоноста кон оптимизам е генетски вродена, или културно конструирана? Комбинирајќи ги сознанијата од областа на психологијата, генетиката и антропологијата, Лајонел Тајгер е оптимист - дека додека има луѓе, ќе има и надеж.

ВАЛДЕНВАЛДЕН
од Хенри Дејвид Торо

Отидов во шумата затоа што сакав да живеам со промисла, да се соочам само со суштинските факти на животот, а не кога ќе дојдам до тоа да умрам, да откријам дека не сум живеел, вели авторот на оваа култна книга, која иако е напишана во 19. век, е неверојатно точна дијагноза на проблемите на нашиот, 21. век. Дали е можно човек да се ослободи од прекумерните луксузи, живеејќи едноставен и скромен живот? Ова е прекрасен филозофски и практичен водич за начините на кои може да се оствари оваа цел.

ТИЕ ИМААТ ЗБОР ЗА ТОА: НЕНАМЕТЛИВ ЛЕКСИКОН НА НЕПРЕВОДЛИВИ ЗБОРОВИ И ФРАЗИТИЕ ИМААТ ЗБОР ЗА ТОА: НЕНАМЕТЛИВ ЛЕКСИКОН НА НЕПРЕВОДЛИВИ ЗБОРОВИ И ФРАЗИ
од Хауард Реинголд

Хауард Реинголд во оваа книга копа во светската лингвистичка ризница, за од неа да ги извади најскапоцените парчиња. Од хавајското хо’опонопоно, јапонското саби, до германското цајтгајст – непреводливите зборови од различните култури можат да го збогатат вашиот лексички фонд, но истовремено и да ве инспирираат да „позајмите“ нешто од концептите кои овие зборови ги подразбираат.
Книгата содржи и поговор со примери на непреводливи зборови од македонскиот.

ДРУГА СТРАНА: ТЕАТАРСКИ КРИТИКИ И ЕСЕИДРУГА СТРАНА: ТЕАТАРСКИ КРИТИКИ И ЕСЕИ
од Илија Упалевски

Театролошко издание кое содржи текстови кои овој млад театарски критичар ги има објавувано во дневните весници и неделниците последниве неколку години. Тоа е значајно не само како документ за македонската театарска меморија, туку и како специфичен модел за естетско промислување на театарскиот израз кај нас. Ставајќи се од „другата страна“ на сцената, Упалевски е ригорозен во проценката не само на театарските претстави за кои станува збор, туку и на актуелниот културен контекст.

ЧЕКАЈЌИ ЈА МАКЕДОНИЈА: ИДЕНТИТЕТ ВО СВЕТ КОЈ СЕ МЕНУВАЧЕКАЈЌИ ЈА МАКЕДОНИЈА: ИДЕНТИТЕТ ВО СВЕТ КОЈ СЕ МЕНУВА
од Илка Тисен

Илка Тисен, професор по социјална антропологија на Vancouver Island University, започнала со своите истражувања во Македонија кон крајот на 80-те години на ХХ век. Оваа книга е всушност нејзина докторска дисертација,  одбранета на престижната Лондонска школа за економија.

Авторката низ силна авторефлексивност и богата етнографија, го следи животот на неколку млади жени инжењери, а преку нив и промените во општествениот систем, образованието и политиката. Најмногу од се’, таа се занимава со промените на идентитетите, како на индивидуално, така и на колективно ниво.

ПАРЧИЊА МОЗАИК: ЕСЕЈ ЗА СОЗДАВАЊЕТО НА МАКЕДОНИЈАПАРЧИЊА МОЗАИК: ЕСЕЈ ЗА СОЗДАВАЊЕТО НА МАКЕДОНИЈА
од Џонатан М. Шварц

Aнтрополошка студија за Македонија, која врз примерот на секојдневниот живот на жителите на Ресен, нуди слика на промените што се случуваа во Македонија од распадот на СФРЈ, до првите години независност.

Џонатан Метју Шварц е професор по социјална антропологија, Американец кој подолг временски период работи во Данска. Во седумдесеттите почнува да контактира со македонските печалбари и да се интересира за нивниот гастарбајтерски живот. Поттикнат од овие разговори, повеќе пати престојува во Македонија, и врши теренски истражувања во Преспа. Резултатот е оваа книга, која е полна со свежи, згуснати етнографски описи и живописни анегдоти.

ЗОШТО МАЖИТЕ СЕ КОЦКААТ А ЖЕНИТЕ КУПУВААТ ЧЕВЛИЗОШТО МАЖИТЕ СЕ КОЦКААТ А ЖЕНИТЕ КУПУВААТ ЧЕВЛИ
Тајните зад секојдневното човечко однесување
од Алан С. Милер и Сатоши Каназава

Зошто имањето синови ја намалува шансата за развод? Зошто повеќето неврохирурзи се мажи, а повеќето воспитувачки жени? Зошто жените во секоја култура се порелигиозни од мажите? Зошто голем број политичари ги уништуваат нивните кариери со секс скандали (но само доколку се мажи)? Зошто мажите сакаат русокоси секс-бомби?
Оваа книга од областа на еволутивната психологија се обидува да одговори на овие, како и на бројни други прашања во врска со човечкото однесување. Авторите ги разоткриваат еволутивните основи на секоја наша постапка, поткрепувајќи ги нивните аргументи со научна литература, статистика и... многу здрав разум.

Книгата може да се купи на сајтот Kupikniga.mk, и книжарниците Или-или и Култура.

СОНЦЕ ВО ТЕГЛАСОНЦЕ ВО ТЕГЛА
од Илина Ј.

Составена од песни и кратки раскази, оваа збирка балансира меѓу мисловното, ироничното и хумористичното. До сега објавувани во периодичните списанија и на блог, овие писанија од читателите се оценети како „шармантни“ и напишани со „свежа перцепција“.
Често повикувајќи се на нејзините херои, од Том Вејтс, Ник Кејв, до Шимборска и вработените во омилената кафана, авторката преку оваа книга всушност ја пишува нејзината интимна автобиографија.

Книгата може да се купи на сајтот Kupikniga.mk, и книжарниците Или-или и Култура.